Американските власти истражуваат дали нападот врз Иран можел да биде мотив за пукањето што рано утрово се случи во градот Остин, сојузната држава Тексас, при што две лица се убиени, 14 се ранети, а напаѓачот е ликвидиран.
Според информации на Си-Ен-Ен, повеќе полициски извори потврдиле дека истрагата се движи во насока на можна поврзаност со тероризам, иако официјалните лица предупредуваат дека е прерано за конечни заклучоци.
Напаѓачот, кој исто така бил убиен во размената на оган со полицијата, носел маица со мотив од иранското знаме, потврдиле двајца полициски службеници. Властите дополнително проверуваат дали осомничениот имал проблеми со менталното здравје додека живеел во Тексас. Тројца од хоспитализираните и натаму се во критична состојба.
„Сè уште е прерано да се утврди точниот мотив, но кај осомничениот и во неговото возило се пронајдени елементи што упатуваат на можна поврзаност со тероризам“, изјави Алекс Доран, вршител на должноста специјален агент на канцеларијата на Федерално истражно биро во Сан Антонио.
Во истрагата се вклучила и Заедничката работна група за борба против тероризам, врз основа на доказите пронајдени на местото на настанот.
Според полициски извор, напаѓачот бил со потекло од Сенегал. Во САД пристигнал на почетокот на 2000-тите години, првично се населил во Њујорк, а подоцна се преселил во Тексас, каде имал повеќе пријавени адреси.
Шефицата на полицијата во Остин, Лиса Дејвис, изјави дека службите добиле дојава за маж кој пука од големо теренско возило пред локалот „Буфордс Бекјард Бир Гарден“. Возилото било забележано како кружи околу блокот непосредно пред нападот.
Според неа, напаѓачот во еден момент ги вклучил трепкачите, го спуштил прозорецот и почнал да пука кон луѓето на терасата и пред барот. Потоа се оддалечил по Шестата улица, го паркирал возилото, излегол вооружен со пушка и продолжил да пука кон случајни минувачи.
Бидејќи полициски и медицински екипи веќе биле распоредени во центарот на градот поради викендските настани, тие пристигнале за помалку од една минута. На раскрсница дошло до размена на оган, при што напаѓачот бил погоден и убиен. Тројца полицајци возвратиле со оган.
На местото бил повикан и тим за деактивирање експлозивни направи откако во возилото биле забележани сомнителни предмети, но по прегледот било утврдено дека нема експлозив.
Шефот на итната медицинска служба на округот Остин-Тревис, Роберт Лакриц, изјави дека на терен биле ангажирани повеќе од 20 тимови. Сите критично повредени биле згрижени и транспортирани во болница во рок од 24 минути.
Градоначалникот на Остин, Кирк Вотсон, изрази сочувство до жртвите и им се заблагодари на службите за брзата реакција, нагласувајќи дека со тоа биле спасени животи. Гувернерот на Тексас, Грег Абот, го осуди нападот и нареди засилено полициско присуство во областа на Шестата улица за време на викендите.
Според податоците на организацијата „Архива на оружено насилство“, ова е најмалку 56-та масовна пукање во САД од почетокот на годината. За масовно пукање се смета напад во кој се убиени или ранети најмалку четири лица, без да се пресметува напаѓачот.