Џастин Бибер се најде на мета на критики по настапот на фестивалот Коачела 2026, кој дел од публиката и медиумите го оценија како еден од најлошите во историјата на фестивалот.
Неговиот камбек на сцената на 11 април предизвика бурни реакции на интернет, особено поради наводниот хонорар од околу 10 милиони долари, што дополнително ги засили критиките за настапот.
Фановите очекуваа класичен перформанс со неговите најголеми хитови, но наместо тоа, Бибер настапи во неформално издание и во голем дел од шоуто користеше необичен формат, вклучувајќи интеракција со публиката и пуштање видеа од YouTube, наместо традиционален концерт.
Во дел од јавноста ваквиот настап беше дочекан со разочарување, особено поради фактот што се споредува со неговите претходни големи сценски продукции, додека други го оценија како искрен и поинтимен пристап кон публиката.
Дополнително внимание привлече и информацијата дека Бибер во 2022 година го продал својот музички каталог, што, според дел од медиумите, можеби влијаело врз изборот на песните што ги изведува.
Реакциите на социјалните мрежи останаа поделени – додека едни го критикуваа настапот како разочарувачки, други истакнаа дека неговото враќање на сцена по подолга пауза е вредно за почит.