Џорџ Расел во болидот на Мерцедес стигна до победата на Големата награда на Австрија, откако триумфираше на патеката „Ред Бул Ринг“ по исклучително возбудлива трка исполнета со бројни претекнувања и инциденти.
Британецот, кој стартуваше од пол-позицијата, успеа да го задржи водството и сигурно да ја приведе трката до крај. Второто место му припадна на домашниот миленик Макс Верстапен во Ред Бул, додека трет заврши неговиот тимски колега од Мерцедес, Кими Антонели.
Расел одлично стартуваше и веднаш се одбрани од нападите на возачите на Ферари, Луис Хамилтон и Шарл Леклер. Верстапен, пак, уште во првите кругови успеа да се пробие до третата позиција.
Трката рано заврши за Валтери Ботас, кому му се запалија сопирачките, а кратко потоа се повлече и Серхио Перез поради проблеми со чад во кокпитот.
Еден од најинтересните моменти беше дуелот меѓу Хамилтон и Верстапен. Холанѓанецот во неколку наврати се обидуваше да го мине Британецот, а по жестоката борба конечно успеа да се пробие до второто место.
Во завршницата Расел без поголеми проблеми ја контролираше предноста, додека Антонели се доближи на помалку од една секунда до Верстапен, но не успеа да го преземе второто место.
Луис Хамилтон на крајот заврши како петти, зад Оскар Пјастри, додека Шарл Леклер беше еден од најголемите губитници на трката и финишираше на осмото место.
По трката во Австрија, Кими Антонели останува лидер во генералниот пласман со 171 бод. Втор е Џорџ Расел со 131 бод, а трет Луис Хамилтон со 125 бодови.