Иако АД МЕПСО во 2024 година остварило раст на приходите, Државниот завод за ревизија утврдил сериозни слабости во управувањето со имотот, инвестициите, јавните средства и човечките ресурси, што, според ревизорите, директно влијае врз ефикасноста и развојот на електропреносниот систем во државата.
Ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на АД МЕПСО за 2024 година покажала дека и покрај напорите за усогласување со законската регулатива, остануваат бројни нерешени прашања поврзани со сопственоста и евиденцијата на имотот.
Според извештајот, од вкупно 112 далекуводи во преносната мрежа, само за 53 е запишано право на сопственост во Катастарот, додека за останатите 59 друштвото не располага со имотни листови. Дополнително, сè уште не се решени имотно-правните односи за 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост со ЕВН Македонија.
Ревизорите утврдиле и дека сметководствената евиденција за дел од далекуводите и трафостаниците е нецелосна и неусогласена, поради што не може прецизно да се утврдат нивниот број и вредност. Ова, според ДЗР, има директно влијание врз утврдувањето на тарифите за пренос на електрична енергија.
Извештајот укажува и на сериозни проблеми во реализацијата на инвестициските проекти. Во изминатите 13 години, степенот на реализација на дел од проектите се движел од само 9 до 62 проценти, при што кај некои проекти имало значително зголемување на вредноста на договорите и повеќегодишни пролонгирања.
Посебно е посочен проектот „Реконструкција на 110 kV далекувод ТС Битола 1 – ТС Прилеп“, чија реализација доцни повеќе од пет години. Воедно, за проектот „Изградба на ДВ 110 kV ТС Валандово – ТС Милетково“, и покрај одобрениот заем од Европската банка за обнова и развој од 26,4 милиони евра, сè уште не се започнати активности за изградба.
Ревизијата покажува дека од вкупно одобрените кредитни средства во износ од 102,4 милиони евра, повеќе од половина, односно 53,4 милиони евра, останале неповлечени. Само за провизии за неповлечени средства во 2024 година биле платени над 245 илјади евра.
Дополнително, ревизорите констатирале неправилности кај 65 проценти од нововработените лица во друштвото, односно кај 45 лица, при што биле утврдени отстапувања од условите предвидени во јавните огласи и систематизацијата, а дел од нив биле унапредени или прераспределени кратко време по вработувањето.
Во извештајот се нотира и сајбер нападот врз МЕПСО во текот на 2024 година, кој предизвикал привремена недостапност на дел од ИТ-системите, како и потребата од дополнително зајакнување на сајбер безбедноста.
Државниот завод за ревизија констатирал и други слабости поврзани со пописот, расходувањето на средства, инвестиционата програма, доделувањето спонзорства и донации, како и начинот на финансирање на синдикалните организации во компанијата.