Британскиот нискобуџетен авиопревозник EasyJet ќе премине во сопственост на американскиот инвестициски фонд Apollo Global Management, откако двете страни постигнаа договор за преземање вреден 5,7 милијарди фунти, односно околу 7,7 милијарди американски долари.
Како што пренесува „Блумберг“, конкурентскиот инвеститор Castlelake, кој исто така беше заинтересиран за компанијата, се повлече од наддавањето.
По објавувањето на договорот, акциите на EasyJet пораснаа за околу четири проценти, што укажува на позитивна реакција од инвеститорите и очекувања дека трансакцијата успешно ќе биде реализирана.
Apollo на почетокот на јули понуди 715 пени по акција, што беше повисока понуда од онаа на Castlelake, кој нудеше 690 пени по акција. Управниот одбор на EasyJet тогаш оцени дека понудата на Apollo е поповолна за акционерите и соопшти дека нема намера да ја прифати конкурентската понуда.
Сепак, финализирањето на договорот сè уште зависи од исполнување на одредени услови, меѓу кои се и идната сопственичка структура и можностите за излез на постојните инвеститори.
EasyJet неодамна објави дека профитот во третиот фискален квартал, кој го опфаќа периодот од април до јуни, е намален за дури 70 проценти во споредба со истиот период лани.
Од компанијата како главни причини за падот ги посочија нестабилноста предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток, растот на цените на горивата и намалената побарувачка за резервации. И покрај тоа, од EasyJet изразија оптимизам дека работењето ќе се стабилизира во текот на летната сезона.