Остеопороза е болест што често се развива незабележливо. Во раните фази обично нема никакви симптоми, па многумина дознаваат дека ја имаат дури по болна скршеница или пукнатина на коска.
„Станува збор за нарушување што влијае на квалитетот и цврстината на коските, поради што тие стануваат посклони кон скршеници“, објаснува ендокринологот Розалина Мекој од Универзитетот во Мериленд.
Болеста се дијагностицира со дензитометрија – рендгенски преглед што ја мери густината на коските. Ризикот значително расте со возраста, а истражувањата покажуваат дека дури 50 проценти од жените и 20 проценти од мажите постари од 50 години ќе доживеат скршеница поврзана со остеопороза.
Пред да се обрне внимание на исхраната, експертите нагласуваат дека физичката активност и превенцијата од падови се клучни за намалување на ризикот.
Ендокринологот Дебора Е. Селмајер од Универзитетот Стенфорд препорачува најмалку 30 минути дневна активност што ги оптоварува коските, како брзо одење, вежби со тегови и тренинг со отпор.
Кога станува збор за исхраната, сите ендокринолози се согласуваат дека најважни се калциумот и витаминот Д.
„Калциумот и витаминот Д се единствените нутриенти за кои е докажано дека го намалуваат ризикот од скршеници“, вели д-р Селмајер.
Ендокринологот Џад Сфеир од Mayo Clinic нагласува дека препорачаниот дневен внес на калциум за жени по менопауза и постари мажи е од 1000 до 1200 милиграми, по можност преку храна.
Како особено корисен производ, ендокринологот Јесика Гарсија ги издвојува сардините.
„Сардините се одличен извор на лесно апсорбирачки калциум, особено ако се јадат и нивните меки коски. Богати се и со витамин Д, а се и одличен извор на протеини“, објаснува Гарсија.
Порција од околу 85 грама сардини содржи околу 325 милиграми калциум, што е приближно 30 проценти од препорачаната дневна количина за постари лица.
Експертите советуваат сардините да се јадат два до три пати неделно.
За луѓето што не сакаат сардини, како добра алтернатива се препорачуваат млеко, јогурт и сирење, бидејќи се богати со калциум.
Експертите предупредуваат и на производи и пијалаци што можат да им наштетат на коските. Најголем непријател на здравите коски, според нив, е алкохолот.
Проблематични се и засладените газирани пијалаци поради фосфорната киселина, која може да придонесе за губење калциум од коските. Се советува и умерен внес на сол, бидејќи прекумерниот натриум го поттикнува исфрлањето калциум преку урината.
„Остеопорозата е честа, но не е неизбежен дел од стареењето. Во голема мера може да се спречи“, порачува Гарсија.