Ветото од Бугарија ја откри и поразителната вистина дека Македонија нема разузнавачки служби кои работат во интерес на народот и државата. Се покажа дека Македонија има служби за следење само на политичките противници како што покажавме со документи уште во октомври 2018 а кое нешто се потврди и со досието „Атлатник“ дека имало масовно следење за време на референдумската кампања, се вели во соопштението од Единствена Македонија.
Во продожение на истото се додава:
Зоран Заев во изминатите три години убедуваше дека Македонија добива датум за преговори со ЕУ и дека проблемите со Бугарија и претходно со Грција се надминати.
Есапот на Заев се покажа погрешен. Бугарија за цело време спремала вето за Македонија доколку не се прифати антимакедонскиот пазар - датум во замена за бришење на македонската нација, јазик, историја, култура и Македонците во Пиринска Македонија, но, македонските тајни служби немале абер за ова.
Јавноста бара одговор на прашањето, има ли Македонија разузнавачки служби, бидејќим државниот врв немал информација дека Бугарија спрема вето иако во сите нормални држави извештаите на шпионските служби се основа за државно делување.
Македонија формално правно има дури три шпионски служби - Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Секторот за воено разузнавање. Ние, граѓаните наивно сме верувале дека Македонија има тајни служби кои ги штитат националните и државните интереси. Па, кој, тогаш ќе ги следи политичките противници во државата?!