Еколошкото движење од Тетово, „Екогерила“, денеска преку соопштение изјави дека не им веруваат на ветувањата на „Југохром“ и на Владата бидејќи со години биле измамувани.
„Бараме заменик-премиерот Анѓушев целосно да се повлече од сите одлуки за ‘Југохром’ бидејќи постојат сомнежи за можните последици од корупцијата и конфликтот на интереси. Продажбата на електрична енергија на ‘Југохром’ од ЕДС, која беше во сопственост на Анѓушев, и тоа што поранешните вработени тврдат дека тој претходно бил генерален директор на ‘Југохром’ во период од неколку месеци, дава уште поголем простор за сомневање за судир на интереси и корупција, што судството треба да го испита“, стои во нивното соопштение.
Од „Екогерила“ во соопштението наведуваат дека препорачуваат целиот процес да биде надгледуван од независни експерти.
„Македонија потпиша и се обврза да ја почитува Архуската конвенција за пристап до информации, учество на граѓаните во одлучувањето и пристап до правда за прашањата поврзани со животната средина. Изненадени сме поради тоа што Владата е загрижена од надзорот на независните експерти ако системот за филтрирање, за кој тие тврдат дека ќе го инсталираат, не ги исполни бараните стандарди. Затоа, без строг надзор од страна на независни експерти и обезбедување дека граѓаните и децата од Тетово нема да бидат повторно труени како во минатото, нема да дозволиме повторно отворање на овој познат убиец“, стои во соопштението.