Тетово е град претворен во урбана пропаст, каде што преовладува сообраќаен хаос, недостиг на јавна чистота, депонии за отпад во повеќето делови од градот, недостиг на вода за пиење во многу населби, недостиг на јавен превоз, недостиг на паркинг или катни гаражи, велат од движењето „Екогерила“ во обраќањето до премиерот Зоран Заев.
Од таму додаваат дека релевантните институции и инспекторати, заедно со сообраќајната полиција, доживеле тотален неуспех да воспостават ред и закон.
„Екогерила“ објави и видео од, како што велат, уништувањето и узурпацијата на зелените јавни површини во центарот на градот.
„Додека парковите и зелените јавни површини во сопственост на сите граѓани се бетонираат, Општината молчи и не презема ништо за да го спречи тоа. Градот Тетово во моментот се чувствува како куќа без домаќин, градоначалничката Теута Арифи и во својот втор мандат не успеа да одговори на потребите“, наведуваат од движењето во обраќањето до премиерот.
Од „Екогерила“ потсетуваат дека во 2017 година од позиција на премиер Заев дал отворена поддршка за Арифи.
„Сега ве молиме да ѝ ги одземете ингеренциите на Општина Тетово за кои таа не успеа целосно да управува и да се справува. Јавното обвинителство треба да ги испита сите случаи на можна злоупотреба на службената должност“, стои во соопштението.
„Екогерила“ смета дека Заев како премиер треба да сноси одговорност и да интервенира со цел ситуацијата што побргу да се врати во нормала и во Тетово да се воспостави владеењето на правото.