На денешното судско рочиште за случајот „ТНТ“, поранешниот градоначалник на Гази Баба, обвинетиот Тони Трајковски, побара изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е застапник на обвинението.
„Во моментов е актуелен случајот „Рекет“ не само овде, туку и во целиот свет. Ние во поднесокот за изземање објаснуваме за фирмата „Дрим билдинг“, каде овластено лице е Адриан Амзоски, инвеститор во „Космос“. Во делот на сумата ова лице преку “Дрим билдинг“ има уплатено средства на организацијата „Меѓународен сојуз“, каде претседател е лицето Бојан Јовановски. Уплатената сума од над 16 милиони денари, е повисока од вкупниот годишен приход на „Дрим билдинг“, рече обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба Тони Трајковски.
Судијата Огнен Ставрев рече дека денешното судење ќе продолжи, а судот дополнително ќе се изјасни по барањето, кое како што рече, немал време да го разгледа.
Инаку во предметот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.