Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, во јавна реакција оцени дека е загрижувачки фактот што Северна Македонија и нејзиниот премиер остануваат надвор од агендата на американскиот претседател Доналд Трамп, посочувајќи дека земјата е изоставена од иницијативата „Board of Peace“, заедно со Србија и Босна и Херцеговина. Според Лога, ваквото изоставување не е случајно, туку претставува директна последица на погрешни политики и недостиг од јасна дипломатска визија.
Тој наведува дека етноцентричните политики, внатрешната реторика насочена кон дневнополитички поени и отсуството на суштински реформи придонеле државата да ја загуби својата меѓународна кредибилност. Наместо да биде дел од клучните маси каде што се носат важни одлуки, Северна Македонија, според Лога, е сведена на обиди за средби на маргините на самитите, често не со водечките меѓународни фактори, туку со соседи со кои контактите се редовни и на домашен терен.
Лога нагласува дека дипломатската изолација не е резултат на туѓи неправди, туку на внатрешни слабости: неспроведени реформи, заробени институции, недоволно владеење на правото и инструментализација на идентитетските прашања за политички цели. Според него, меѓународните партнери не ги вреднуваат декларативните патриотски пораки, туку конкретните резултати, институционалната стабилност и државната сериозност. Тој предупредува дека доколку ваквата практика продолжи, постои реален ризик земјата дополнително да западне во изолација и да се претвори во периферна држава без политичка тежина и без вистински глас во меѓународните процеси на одлучување.
Наспроти оваа оценка, професорката по право Мирјана Најчевска реагираше со исклучително остра реторика, целосно отфрлајќи ја идејата дека блискоста со Доналд Трамп може да се смета за политичка предност. Таа порача дека е срамно да се биде близок до Трамп, а уште помалку негов сојузник, оценувајќи дека таквите кругови ги сочинуваат криминалци или луѓе подготвени на понижувачка сервилност. Според Најчевска, македонското општество треба да се стреми кон изградба на демократска држава заснована на европски вредности, а не, како што истакна, кон создавање мафијашко опкружување.
“Кретену неписмен, срамно е да се биде близу до Трамп а камо ли да се биде негов сојузник”, напиша Најчевска меѓудругото.