Зголемувањето на цените до десет денари на горивата можеше да се спречи уште на почетокот на мај. Тоа ќе се направеше ако се намалеа акцизите, како што предложија и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа точка никогаш не дојде на ред. Пратеникот Бојан Стојаноски кој во негово и име на неговите пратеници го поднесе предлогот по третпат, објасни и како законот никогаш не се нашол на дневен ред.
„На 05-ти мај со координаторот Никола Мицевски во име на целата пратеничка група поднесовме (по третпат) закон за намалувањето на акцизите за 50%. На 09-ти мај на пленарна седница, побарав дневниот ред да биде дополнет со оваа точка, но настана расправија со Талат Џафери, требаше да добијам 10 минути да го образложам предлогот, а добив само 3 минути по што ми беше исклучен микрофонот. Законот е поднесен по итна постапка, што по Деловник го обврзува Џафери да го стави на првата наредна седница. Доколку тогаш го донесоа законот, на 09-ти мај, граѓаните и компаниите 22 дена ќе плаќаа поефтино гориво, а сега горивата немаше да бидат над 100 денари за литар.
Џафери и мнозинството составено од ДУИ - СДСМ да се вразумат и што побрзо да се ефектуира овој закон кој е заглавен во лавиринтите на Собранието за веднаш да им помогнеме на граѓаните и стопанството“, објасни Стојаноски.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија донесе Одлука со која изврши усогласување со законските прописи кои ќе бидат на сила од полноќ со што малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 7,96%.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 9,00 ден/лит, додека на безоловниот бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 9,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 9,00 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 8,50 ден/лит.