Центарот за јавно здравје во Куманово вчера прогласи епидемија на морбили. Бројот на заболени од мали сипаници од почетокот на годинава изнесува петнаесет, а последнава недела заболени се три лица. Новозаболени се првоодделенче и двајца здравствени работници од детското одделение од кумановската болница. Детето престојувало во целодневен престој во кумановска градинка.
„Извршен е увид во вакциналниот статус на децата во градинката и во училиштето, извршена е дезинфекција и континуирано се врши проверка на вакциналниот статус на децата во градинките на ниво на Куманово, Исто така, тече вакцинирање во Здравствениот дом, се спроведуваат мерки во болницата со ограничени посети, зачестена дезинфекција и тријажа на пациентите“, изјави доктор Јадранка Стаменковска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје.
Од вкупниот број заболени од почетокот на годинава, единаесет лица се од Куманово, а четири се жители на Општина Липково. Секој ден има нови случаи на морбили. Во последното деноноќие, од средата кон четвртокот, лекарите регистрирале морбили кај седум пациенти и, според податоците на Министерството за здравство, четворица се примени н болничко лекување.