Македонскиот енергетски систем во следните три години ќе добива дополнителни количини јаглен од Косово, откако ЕСМ склучи стратешки договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК.
Со договорот, ЕСМ добива концесија во рудникот во Обилиќ и можност за експлоатација на околу три милиони тони јаглен во наредните 36 месеци. Цената е фиксна и изнесува 24,4 евра за тон, со однапред утврдени параметри за квалитет.
Од ЕСМ информираат дека договорот треба да обезбеди дополнително годишно производство од околу 800 GWh електрична енергија, како и приход од приближно 57 милиони евра. Дополнителен финансиски ефект се очекува и поради намалената потреба од користење мазут при согорувањето.
Според компанијата, со договорот ќе се постигнат и еколошки придобивки, односно годишно намалување на емисиите на CO2 за околу 923.000 тони поради помалото согорување јаглен и за дополнителни 55.980 тони поради намалената употреба на мазут.
Од ЕСМ посочуваат дека околу 70 отсто од годишното производство на електрична енергија во земјава и во следните три години ќе доаѓа од термоелектраните, поради што договорот со КЕК треба да придонесе за поголема енергетска сигурност и стабилност.
За периодот од 2027 до 2030 година, проценетите годишни потреби од јаглен надвор од домашното производство изнесуваат околу 1,4 милиони тони – 600.000 тони за ТЕ „Осломеј“ и 800.000 тони за ТЕ „Битола“.
Сепак, логистичките анализи покажале дека преку граничниот премин Блаце дневно можат да транзитираат најмногу 120 камиони, односно околу 3.000 тони јаглен. Оттука, реалната максимална годишна количина што би можела да се доставува од КЕК се проценува на околу 800.000 тони.
Од ЕСМ наведуваат дека косовскиот басен во Обилиќ е меѓу големите наоѓалишта на лигнит, а лабораториските анализи покажале дека јагленот има ниска содржина на сулфур и пепел и просечна калориска вредност од околу 1.950 kcal/kg. Според компанијата, овие карактеристики се соодветни за котлите во ТЕ „Битола“ и ТЕ „Осломеј“.
До крајот на месецов ЕСМ најавува објавување оглас согласно Законот за јавни набавки за избор на економски оператор кој во следните три години ќе ги реализира услугите за ископ, анализа на квалитетот и утовар на јагленот во Обилиќ, како и негов транспорт, шпедиција и истовар во депониите на ТЕ „Битола“ и ТЕ „Осломеј“.