Европската комисија соопшти дека високите цени на авионското гориво не претставуваат оправдување авиокомпаниите да ги избегнуваат обврските кон патниците при откажување летови.
Според насоките што денеска ги усвои Комисијата за транспортниот и туристичкиот сектор на ЕУ, патниците и понатаму имаат право на враќање на парите, пренасочување, помош на аеродром и обесштетување за откажани летови во последен момент.
Портпаролката на Европската комисија, Ана Каиса Итконен, појасни дека авиокомпаниите можат да бидат ослободени од исплата на отштета само ако докажат дека летот е откажан поради вонредни околности, како реален недостиг на гориво.
„Високите цени на горивото не ги сметаме за вонредна околност“, истакна Итконен.
Новите насоки се донесени поради глобалните проблеми со снабдувањето со гориво и затворањето на дел од воздушните и поморските рути поврзани со кризата на Блискиот Исток.
Во документот се наведува и дека не е дозволено ретроактивно зголемување на цените на веќе продадени авионски билети преку дополнителни трошоци, како доплати за гориво.
Во меѓувреме, Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија издаде безбедносен билтен поврзан со снабдувањето со авионско гориво во Европа.
Агенцијата посочува дека кризата влијае врз достапноста на горивото Jet A-1, кое најчесто се користи во Европа, па е отворена можност и за користење на американското гориво Jet A.
Главната разлика меѓу двата типа гориво е точката на замрзнување – кај Jet A-1 таа изнесува минус 47 степени Целзиусови, додека кај Jet A е минус 40 степени, што го прави првото посоодветно за долги летови и постудени климатски услови.