Најновиот глобален енергетски шок, предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток, ги затекна јавните финансии на земјите од еврозоната во значително полоша состојба отколку за време на енергетската криза во 2022 година, предупредуваат експертите на Европската централна банка (ЕЦБ).
Во анализата се наведува дека фискалниот простор на владите е значително ограничен, поради што мерките за поддршка на граѓаните и стопанството годинава изнесуваат само 0,1 отсто од бруто-домашниот производ на еврозоната.
Иако јавниот долг на почетокот на двете кризи бил на слично ниво – околу 89 проценти од БДП, денес условите за задолжување се многу понеповолни отколку во 2022 година, кога каматните стапки биле на историски најниско ниво.
ЕЦБ предупредува дека повисоките каматни стапки и зголемените премии за ризик значително ги зголемуваат трошоците за рефинансирање на јавниот долг.
Дополнителен товар претставува и структурниот буџетски дефицит на еврозоната, кој во 2026 година достигнува 3,3 проценти од БДП, во споредба со 2,6 проценти пред кризата во 2022 година. Буџетите се оптоварени и со планираните инвестиции во одбраната и инфраструктурата во Германија и другите земји членки на НАТО.
Според анализата, актуелните мерки за државна помош главно се сведуваат на привремени намалувања на даноците за енергија, пониски стапки на ДДВ и таргетирани субвенции за гориво и електрична енергија, кои се значително поскромни од оние што беа воведени во 2022 година.
Европската централна банка апелира секоја идна поддршка поврзана со кризата на Блискиот Исток да биде привремена, строго насочена кон најранливите категории граѓани и внимателно дизајнирана за да не се наруши фискалната стабилност на еврозоната.