Обожавателите на американскиот рапер Питбул поставија нов Гинисов светски рекорд за најголем број луѓе кои истовремено носеле ќелави капи, за време на неговиот настап на фестивалот BST Hyde Park во Лондон.
Пред почетокот на концертот беше организирано официјално пребројување, по кое беше потврдено дека рекордот е соборен со 22.141 лице облечено во препознатливиот стил на музичарот – костум, очила за сонце и ќелава капа.
Питбул, чие вистинско име е Армандо Кристијан Перез, изјави дека поставувањето на рекордот за него претставува „благослов“ и голема чест.
„Кој би помислил дека Кубанец од прва генерација ќе дојде во Лондон, ќе собори рекорд и ќе влезе во Гинисовата книга на рекорди“, изјави добитникот на „Греми“.
Тој им се заблагодари и на своите обожаватели, кои од милост ги нарекува „ќелавци“, истакнувајќи дека токму тие се заслужни за неговиот успех.
Идејата за поставување на рекордот потекнала од водителот на BBC Radio 1, Грег Џејмс, и креаторот на содржини Џек Ремингтон, кои ја предложиле иницијативата уште минатата година.
Концертот продолжи пред речиси 70.000 посетители, што е најголема публика досега на фестивалот. Питбул ги изведе своите најголеми хитови, меѓу кои „Fireball“ и „Give Me Everything“, а како изненадување ја отпеа и „Wonderwall“ од „Оејсис“, која за време на Светското првенство стана неофицијална химна на англиските навивачи.
На сцената му се придружија и Кеша и Лил Џон, со кои ги изведе нивните заеднички хитови, дополнително загревајќи ја атмосферата на концертот.