Се завршуваат сите административни работи во Агенцијата за лекови во однос на дозволата за вакцините кои стигнаа во нашата држава на Астра Зенека да бидат пуштени во употреба. Денеска и утре вакцините ќе се дистрибуираат во сите градови во земјата, за во среда да започне процесот на имунизација онака како што најавивме, истакна предмалку на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот додаде дека 20 000 граѓани кои се веќе пријавени се на возраст над 75 години, во текот на денешниот и утрешниот ден преку матичните лекари ќе добијат термини согласно местото на живеење во кој пункт и во кое точно време од среда натаму да се јават на вакцинација.
На новинарско прашање дали министерот ќе се вакцинира со вакцината на „АстраЗенека“, тој вели дека сега нема да се вакцинира, туку ќе почека да стигне поголема доза на вакцини.
-Лично сега нема да се вакцинирам, ќе почекам да стигне поголема доза на вакцини, поголема достапност да има за граѓаните и тогаш кога ќе стигнат ќе се вакцинирам со „АстраЗенека“, изјави денеска Филипче.
Во делот на масовна имунизација, како што најави Филипче, од утре почнуваат подготовки и во текот на следната недела ќе биде целосно подготвен големиот пункт во спортската сала Борис Трајковски. Компанијата Фајзер го потврдила одговорот и во петокот стигнала потврда дека оваа недела треба да се потпишат договорите со земја членка на ЕУ и тоа е повторно со компанијата Фајзер.
– Април ќе биде месец кога очекуваме вакцините да стигнат од повеќе места и после оваа приоритетна група граѓани над 65 години и други граѓани да се повикаат и да бидат вакцинирани, рече Филипче.
Министерот уште еднаш порача граѓаните да ги почитуваат мерките бидејќи, како што рече, ова е специфичен период.
– Има доволно болнички места, нема потреба за паника, но со почитување на мерките сите помагаме трансмисијата на вирусот да се намали, додаде Филипче.