Делегацијата на Мицкоски која престојува во САД е составена од четворицата јавачи на апокалипсата за Македонија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
„Тие четворица луѓе кои се во делегацијата се јавачите на апокалипсата за Македонија. Да не се чудат ако таму добијат црвен картон. Тие носат само лошо – поради нив нема развој, поради нив цвета корупцијата и поради нив Македонија е слепо црево на Европа“, рече Филипче.
Тој истакна дека стратешките партнери на Македонија многу добро знаат што се случува во земјата и дека власта не може со посети и декларативни изјави да ја сокрие реалноста.
„Зарем Мицкоски мисли дека нашите стратешки партнери, Американците, не знаат дека тој ги контролира медиумите? Зарем не знаат дека во Македонија има медиуми контролирани од Србија и Унгарија? Зарем не знаат дека тука се поткопува демократијата?“, праша Филипче.
Владата ја оддалечува Македонија од нејзините стратешки сојузници, ја блокира европската иднина и го отвора просторот за засилено руско, кинеско, српско и унгарско влијание.
Филипче посочи дека сигналите од САД веќе се јасни и дека за првпат од воспоставувањето на дипломатските односи се намалува сегмент од американската помош за Македонија.
„Со децении поддршката од САД континуирано се зголемуваше. Сега, кога на власт е Христијан Мицкоски, за првпат Соединетите Американски Држави намалуваат дел од помошта. Зарем тоа не е доволен сигнал за тоа што се случува со Македонија?“, рече Филипче.
Наместо развој, реформи и европска интеграција, власта на Мицкоски произведува изолација, корупција и демократско назадување.
„Мицкоски не може во Вашингтон да ја сокрие вистината за Македонија. Стратешките партнери гледаат дека демократијата се поткопува, медиумите се ставаат под контрола, корупцијата цвета, а државата се турка во изолација. Затоа оваа делегација не носи добра вест за Македонија – таа е симбол на апокалипсата што оваа власт ѝ ја приредува на државата“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.