Промени тема
Контакт

Филиповиќ ќе лежи 2,5 години затвор за смртното прегазување на пешакот кај МНТ, пресече Апелација

Скопје1.мк's avatar
Автор: Скопје1.мк

објавено пред 3 часа -

Македонија
filipovic

Апелациониот суд ја потврди пресудата со која Гордана Филиповиќ од Куманово е осудена на две години и шест месеци затвор за сообраќајната несреќа кај мостот „Гоце Делчев“ во Скопје, во која загина 76-годишниот пешак Слободан Ангеловски.

Со одлуката се одбиени и жалбата на Филиповиќ против првостепената пресуда и жалбата на Обвинителството со која се барала повисока казна. На тој начин останува казната што Основниот кривичен суд Скопје ја изрече во повторената постапка – две години и шест месеци затвор.

Апелација оценила дека првостепената пресуда е аргументирана и дека Кривичниот суд правилно ги утврдил околностите под кои се случила несреќата.

Според образложението на повисокиот суд, Филиповиќ управувала со автомобил по фреквентна сообраќајница и во услови на густ сообраќај, движејќи се со брзина од 54,4 километри на час на место каде максимално дозволената брзина била 50 километри на час.

Клучен момент за судот е нејзиното однесување при приближувањето кон обележаниот пешачки премин.

Пред критичниот момент, возилата во соседните сообраќајни ленти веќе биле запрени пред пешачкиот премин. Филиповиќ, според утврденото во пресудата, не ја намалила брзината, туку заобиколила возило кое било запрено во средната лента, преминала во третата лента и продолжила да се движи.

— реклама —

Апелациониот суд оценил дека фактот што возилата во соседните ленти биле запрени претставувал јасен сигнал дека на пешачкиот премин има пешак и дека обвинетата требало да запре.

Во несреќата, која се случи во 2022 година кај мостот „Гоце Делчев“, наспроти Македонскиот народен театар, беше усмртен 76-годишниот Слободан Ангеловски.

— реклама —

Предметот претходно еднаш веќе беше пред Апелација. Со првата пресуда Филиповиќ беше осудена на три години затвор, но таа одлука беше укината и предметот беше вратен на повторно судење.

Во повторената постапка судијката Лидија Петровска ѝ изрече казна од две години и шест месеци затвор.

Тогаш синот на загинатиот, Столе Ангеловски, јавно изрази незадоволство од висината на казната.

— реклама —

„Максимално сум разочаран од судството во Македонија. Две години и шест месеци за обвинетата која направила сериозни прекршоци – брзо возење и незастанување на пешачки. Судството не е на два процента, туку е на минус 20 проценти. Ова е шокантна и некоректна пресуда“, изјави Ангеловски по изрекувањето на првостепената пресуда.

Одбраната, пак, најави жалба со став дека делото не било сторено со умисла, туку од небрежност. Обвинителството исто така ја обжали пресудата, барајќи повисока казна.

Апелациониот суд сега ги одби двете жалби и ја потврди првостепената пресуда со која Филиповиќ е осудена на две години и шест месеци затвор.

Сподели

Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели како слика
Google Постави го Скопје1 за твој Google извор
Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања