Министерот за правда Игор Филков остро реагираше на, како што наведе, обидите полагањето на правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација.
Тој порача дека правосудниот испит не е политичко, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок.
„Обидите законската обврска за познавање на македонскиот јазик да се прикаже како дискриминација се опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок“, истакна Филков.
Според него, македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на државата и темел на институционалниот и правниот систем.
Филков оцени дека е недозволиво чувствителни теми поврзани со правосудството да се користат за политички поени или за создавање меѓуетнички тензии.
Тој нагласи дека правосудниот испит се спроведува согласно со законите и професионалните стандарди, а не според дневно-политички агенди или притисоци.
Министерот додаде дека Министерството за правда останува отворено за институционален дијалог, но нема да дозволи девалвација на правосудниот систем и поткопување на улогата на македонскиот јазик.