Со цел активно меѓу-секторско делување во поглед на јакнењето на локалниот рурален и економски развој и секако во насока на креирање услови за понатамошен одржлив просперитет, Центарот за еколошка демократија – Флорозон, заедно со Здружението граѓански центар за одржлив развој – ЕГРИ, склучија Меморандум за соработка со Општина Крива Паланка. Страните потписнички се согласија дека преку соработка ќе се заложуваат за зацврстување на меѓународните и домашните односи во насока на подобрување на комуникацијата помеѓу релевантните чинители. Ваквото делување на граѓанскиот сектор и локалните власти ќе овозможи придвижување во насока на заедничките активности, сѐ со цел заштита на животната средина која има подеднакво влијание врз сите, без исклучоци.
Главните цели на Меморандумот се однесуваат долгорочно на заштитата на животната средина и природните ресурси, како и овозможување на локален економски развој преку примена на принципите за одржлив развој и зелена економија, кои во иднина ќе продолжат да бидат актуелни и ќе претставуваат еден од основните економски фактори за конкурентност и одржливост. Преку спроведување заеднички активности ќе се овозможат услови за примена на интегративни решенија за ефикасно управување со отпадот, како на пример соодветна имплементација на јавно-приватно партнерство, имајќи предвид дека оваа проблематика претставува еден од клучните фактори за заштита на животната средина.
Во контекст на економскиот развој, заеднички ќе се залагаат во областите на руралниот туризам, културата и образованието, како и при имплементацијата на програмите за унапредување на земјоделството и претприемништвото, таргетирајќи ја младата дефицитна популација.
Поставените цели предоминантно ќе се постигнуваат преку едукативнообразовни активности на населението за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на ефикасно управување со отпадот преку примена на принципите на циркуларна економија, повторно во насока на заштитата на животната средина, со оглед на тоа што кај нас правото на чиста и здрава животна средина е уставно загарантирано право.
Страните потписнички преку промоција на принципите за добро управување и владеење ќе поттикнат корпоративна општествена одговорност кај локалните деловни субјекти vis-à-vis одржливот развој и зелената економија.
фото: Архива