Форбс ја објави најновата листа на најплатени холивудски актери за 2025 година, а на врвот се најде американскиот актер и комичар Адам Сендлер, со проценета заработка од околу 48 милиони долари.
Според објавените податоци, рангирањето опфаќа 20 актери, чии вкупни приходи за изминатата година достигнале 590 милиони долари, што уште еднаш ја потврдува доминацијата на големите студиски продукции и платформите за стриминг во современата филмска индустрија.
Сендлер, кој во последните години повторно ја зацврсти својата позиција преку соработки со големи продукции и проекти на Нетфликс, во 2025 година работеше како продуцент и актер на „Happy Gilmore 2“, продолжение на култната спортска комедија од 1996 година. Воедно, тој се појави и во филмот „Џеј Кели“ заедно со Џорџ Клуни, каде што ја толкува улогата на лојален менаџер на филмска ѕвезда, улога што му донела и номинација за „Златен глобус“ за споредна машка улога.
На второто место се најде Том Круз со 46 милиони долари, најмногу благодарение на филмот „Mission: Impossible – The Final Reckoning“, осмото продолжение од популарниот акциски серијал. Трет е Марк Волберг со 44 милиони долари, додека четвртата позиција ја држи Скарлет Јохансон со 43 милиони. Во топ-пет влегува и Бред Пит со 41 милион долари.
Меѓу првите десет, според листата, се најдоа и Дензел Вашингтон (38 милиони долари), Џек Блек (28 милиони), Џејсон Момоа (28 милиони), Даниел Крег (27 милиони) и Мили Боби Браун (26 милиони). Дополнително, Мили Боби Браун е посочена како најмладата личност што некогаш влегла на оваа листа, на 22-годишна возраст.
Во текстот се нагласува дека проценките за заработка се изработени врз основа на индустриски податоци и интервјуа, а наведените суми се пресметани по одземање на трошоци како хонорари за агенти, менаџери и адвокати.