Српскиот пејач Аца Лукас преку објава на социјалните мрежи тврди дека бил цел на обид за убиство по настап на Јахорина (БиХ), заедно со неговиот возач, наведувајќи дека само за малку избегнале смрт.
Во објавата, споделена на неговиот официјален профил, Лукас напиша дека нападот се случил ноќта по настапот и дека тој и неговиот возач „едвај извлекле живи глави“. Тој дополнително тврди дека обидот за убиство бил извршен „по налог на Недељко Елек“, без да изнесе дополнителни детали за наводниот мотив или за лицата кои, како што вели, стојат зад настанот.
„По настапот на Јахорина, ноќеска се обидоа да ме убијат мене и мојот возач. Едвај извлековме живи глави. Се обидоа да нè убијат по налог на Недељко Елек“, напиша Лукас, најавувајќи дека повеќе информации ќе соопшти на прес-конференција.
Засега нема официјална потврда од институциите, ниту информации дали случајот е пријавен во полицијата во Босна и Херцеговина. Надлежните служби во БиХ сè уште не се огласија во врска со овие тврдења, а не е познато ниту дали е покрената истрага.
Јавноста очекува дополнителни појаснувања од самиот пејач, како и официјален став од безбедносните органи, со оглед на сериозноста на обвинувањата што ги изнесе.