Објект изграден без дозвола во заштитеното градско јадро на Старата охридска чаршија, кој претходно беше предмет на вонредна контрола од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, во меѓувреме добил нова фасада, реагираат од граѓанската иницијатива СОС Охрид.
Инспекцискиот надзор утврдил дека објектот се наоѓа во заштитена зона и дека инвеститорот изведувал градежни активности без одобрение, со што се прекршени одредби од Законот за градење. Министерството за транспорт тогаш информираше дека ќе бидат поднесени пријави согласно законските прописи.
Од институцијата потсетија дека заштитата на старото градско јадро е со цел да се спречат оштетувања, неповратни измени, уништување или деградација на споменичната целина.
Сепак, и покрај поставените жолти ленти на локацијата – како и кај старата градска куќа на улицата „Димитар Влахов“ – градежните работи продолжиле. „Постојат субјекти кои очигледно се над законот, а институциите не реагираат. Зошто тогаш постојат, ако не преземаат ништо за да запрат вакви постапки? Како граѓаните да имаат доверба во системот кога секојдневно гледаат вакви примери?“, прашуваат од СОС Охрид.