Александар Насковски, претседател на Независен синдикат на професионални војници СО, вели дека додека министерот за одбрана Владо Мисајловски ја промовира „модерната“ инфраструктура во касарните, професионалните војници продолжуваат да живеат и работат во руинирани објекти стари 35 години, со катастрофални услови за хигиена и исхрана.
„Додека министерот за одбрана Владо Мисајловски си нарачува ПР кампања по касарните во Македонија со презентација на т.н. модерни реновирани објекти, професионалните војници живеат во руинирани објекти од минатиот век и ја одржуваат хигиената во објекти кои се направени од поранешната ЈНА и се во катастрофална состојба, а цели 35 години не се реновирани и обновени од македонската армија.
Пред неколку дена министерот за одбрана се пофали за реновирани објекти во касарната "Јане Сандански" во Штип , со цел да се прикаже дека нешто се реновира. Оваа негова ПР кампања следува после критиките од синдикатот за катастрофалната ситуација во Армијата со објектите и хигиената, појавата на шуга во касарната во Велес и објавата на синдикатот за стари и нечисти кебиња и перници.
Оваа кампања од страна на министерот за одбрана е со цел да ја манипулира јавноста за 35 годишната негрижа за објектите во Армијата и негрижата кон припадниците на Армијата кои работат и живеат во тие објекти 24/7 цели 365 дена во годината.
Со најголем буџет до сега во Армијата , министерот се фали со т.н. модерна инфраструктура , односно обнова на само неколку објекти во касарната "Јане Сандански" Штип, а заборава дека има уште 10 касарни и уште стотина објекти кои треба веднаш да се реновираат, а не само тие објекти каде што престојува старешинскиот кадар.
Погледнете ги објектите кои се изградени од поранешната ЈНА и од тогаш не се реновирани,а во нив престојуваат 90 % професионални војници, и не е ставена ни една шајка во овие објекти во овие 35 години.
Погледнете ја хигиената и условите за исхрана во најголемата кујна во најголемата касарна во Македонија , каде што лебарките се шетаат по лебот кој се дели на војниците.
Ова е реалноста, а не празниот и лажен ПР на министерот за одбрана , кој ја покажува само таа страна која му одговара, затоа НИЕ како синдикат ќе ја покажеме вистинската и реална ситуација во објектите каде што престојуваат професионалните војници“, вели Александар Насковски, претседател на Независен синдикат на професионални војници СО.