Фотографии на кои се гледа празна шише виски „Џејмисон“ на маса во Клиниката за инфективни болести и директорот д-р Фадил Цана пред него, отворија прашања дали е дозволено во здравствена установа да се внесува и консумира алкохол за време на прослава на вработени. Станува збор за одбележување на успешна одбрана на докторска дисертација на вработена, а фотографиите, објавени на социјалните мрежи, стигнаа и до редакцијата на „Скопје1“.
Од директорот Цана побаравме одговор дали е дозволено внесување и консумирање алкохол во Клиниката од страна на вработените, колку лица присуствувале на прославата, дали меѓу нив имало вработени кои биле на смена и како било испиено целото шише виски. Наместо директни одговори на овие прашања, тој испрати писмено образложение во кое не негираше дека се пиело алкохол.
„Стануваше збор за кратко пригодно честитање по повод успешната одбрана на докторската дисертација на наша вработена. Моето присуство и фотографирање со колешката претставуваше израз на институционална поддршка за нејзиниот академски успех. Клиниката не дозволува постапување што би го нарушило работниот ред, професионалните стандарди или безбедноста на пациентите. Според информациите со кои располагам, работниот процес и здравствената грижа во ниту еден момент не биле нарушени и не постојат сознанија за прекршување на внатрешните правила. За тоа постојат бројни очевидци и сведоци кои можат да ја потврдат фактичката состојба. Поединечни фотографии не можат да бидат основа за изведување заклучоци за настанот во целина или за постапувањето на присутните. Очекувам известувањето да се темели на проверени факти и на целосно утврдена фактичка состојба“, наведе директорот.
По дополнителното инсистирање да одговори конкретно на поставените прашања, Цана остана на истиот став.
„Во однос на Вашите прашања, останувам на веќе дадениот одговор. Не можам да потврдувам или да негирам претпоставки што се темелат на поединечни фотографии, ниту да шпекулирам за бројот на присутните, за тоа кој што консумирал или во која количина. Факт е дека стануваше збор за кратко пригодно честитање по повод успешната одбрана на докторската дисертација на наша вработена, при што работниот процес, професионалните стандарди и здравствената грижа за пациентите во ниту еден момент не беа нарушени. Тоа е сè што можам одговорно да го потврдам“, додаде тој.
„Скопје1“ побара став и од министерот за здравство Азир Алиу, кого го прашавме дали ќе биде покрената постапка за да се утврди кој дозволил и зошто во Клиниката се славело со алкохол, како и дали ваквото постапување претставува прекршување на правилата и кодексите што важат за здравствените работници.
„Ќе го повикам директорот во понеделник и ќе видам што се случило. Секој треба да одговара за пропусти во државните институции“, кусо одговори министерот Алиу, најавувајќи дека по разговорот ќе ја информира јавноста за евентуалните понатамошни чекори.