На 21.07.2020 година во СВР Охрид, од страна на Планинарската спасителна служба при Црвениот крст пријавен е повреден работник во шумскиот појас над охридското село Опеница. При извршен увид на местото на настанот од полициски службеници и инспектор за безбедност при работа, констатирано е дека Н.Р.(30) од Охрид, вработен во овластена фирма за сечење на дрва со седиште во селото Лескоец, при сеча на шума го повредил Б.И.(42) од Охрид, вработен во истата фирма. По целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава, стои во билтенот од МВР.
Инаку ова е седма интервенција на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид од почетокот на годината, со која и покрај КОРОНА кризата, статистички е постигнат рекорден број на интервенции заклучно со месец Јули.
Планинската Спасителна Служба, уште еднаш апелира до сите љубители на планината и до оние кои извршуваат одредени стопански дејности на планина, да бидат повнимателни, да бидат подготвени за основно делување во вонредни ситуации, да бидат соодветно опремени за активноста и условите на теренот, како и навремено да се обратат за помош во случај на несреќа, на дежурниот број на ПСС 13112 или на останатите служби СВР Охрид 192, Брза помош 194 или Центар за управување со кризи 195.фото: PSS