Работници кои изведувале градежни работи во белгискиот град Дендермонде останале во неверување откако во ѕидовите на подрумот пронашле големо количество злато, чија вредност се проценува на околу 9 милиони евра.
Необичното откритие било направено пред четири дена, при реконструкција на објект во Источна Фландрија, северозападно од Брисел. Работниците веднаш ја повикале полицијата откако во текот на работите наишле на „големо количество злато“.
Белгиската полиција објави фотографии на кои се гледаат околу 50 златни прачки и голем број златници. Според локалните медиуми, богатството било скриено во ѕидовите на подрумот на куќа во сопственост на локална добротворна организација.
Еден од градежните работници за белгиската телевизија ВРТ раскажал дека првично не можеле да поверуваат што пронашле.
„Наидовме на тоа додека копавме канализациска цевка. Секако дека не очекувавме да најдеме злато“, изјавил работникот, кој е идентификуван само како Коби.
Полицијата соопшти дека златото било попишано и обезбедено веднаш по откривањето, а потоа било префрлено во трезор под надлежност на федералните власти.
Откритието, очекувано, привлече внимание и кај љубопитни граѓани и ловци на богатство. Полицијата затоа ги предупреди сите да не се приближуваат до оградениот објект.
„Совет што вреди злато: целосно е бесмислено да се обидете да го украдете“, се пошегувала полицијата во објавата на „Фејсбук“.
Засега не е утврдено кому му припаѓа пронајденото богатство, а истрагата за неговото потекло и сопственикот продолжува.