Македонското еколошко друштво (МЕД) во соработка со вработените од резерватот „Јасен“ на крајот на февруари со ГПС-околувратник успешно обележале млад мажјак од загрозениот вид балкански рис.

„За присуството на балкански рис во Јасен имавме податоци подолго време, но досега немавме среќа да поставиме ГПС-околувратник на рис. Ова е првиот рис што ќе го следиме надвор од Маврово и околината како подрачје каде што досега имаме потврда дека се размножува рисот. Се надеваме дека оваа единка ќе ни даде интересни информации за неговото хранење и движење во Јасен“, изјави Диме Меловски од МЕД.

Тој додава дека рисот бил обележан од страна на тројца членови на тимот на МЕД со поддршка на еден ловочувар од „Јасен“ и двајца стажанти од Германија и Франција.
Обележувањето на овој рис е дел од сесијата за поставување фотозамки, која покажала и присуство на уште една единка на рис, како и присуство на лисици, куни, јазовци, елени, срни, диви кози, диви мачки, волци и мечки.

Активностите за воспоставување мониторинг на рисот во „Јасен“ се спроведуваат во рамките на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ во соработка со тимот на заштитеното подрачје, кој е финансиски поддржан од Европската Унија, а спроведен од УНДП со поддршка на Министерството за животна средина.