Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2024 година открива сериозни слабости во состојбата и одржувањето на објектите на Државниот архив, со посебен акцент на условите во кои се чува архивскиот материјал
Според ревизорските наоди, дел од архивските депоа не ги исполнуваат пропишаните стандарди за безбедно складирање и заштита на архивската граѓа. Констатирани се проблеми со електричните инсталации, нефункционални или недоволно ефикасни системи за климатизација, како и несоодветни услови во однос на температура и влажност, што директно влијае врз долгорочната заштита на документите.
Ревизијата утврдува и дека не се преземени соодветни мерки за осигурување на објектите и имотот, што дополнително го зголемува ризикот од штети во случај на пожар, поплава или друг вид елементарна непогода. Посебно е потенцирано дека системите за рано откривање и спречување на пожар не се целосно функционални или не се во согласност со современите стандарди за заштита.
Во извештајот се наведува дека ваквите состојби претставуваат потенцијална опасност за културно-историското наследство, со оглед на тоа што архивскиот материјал има трајна вредност и значење за државата. Недостатоците во инфраструктурата и одржувањето не се од вчера, туку укажуваат на подолг период на недоволни вложувања и системски пропусти.
Ревизорите препорачуваат итно подобрување на условите во објектите, модернизација на системите за заштита и воспоставување поефикасен механизам за контрола и управување со ризиците, со цел да се обезбеди соодветна физичка и техничка заштита на архивската граѓа.