Граѓанската иницијатива Охрид СОС по којнае којпат предупредува на последиците од уништувањето на живеалиштата за животинскиот свет, на уништувањето на нивниот простор за безбеден живот и размножување. Охрид СОС, по молкот на Владата, на Министерство за животна средина и просторно планирање, на општина Охрид и на другите институции, испрати обемен извештај за овој проблем до УНЕСКО.
„Во извештајот детално се наведени сите овие „активности“ на наши сограѓани и сонародници. Меѓу другото и за палењето на трската. Нека не мислат нашите функционери дека ќе нашминкаат или козметички ќе дотераат некаков документ и со тоа ќе убедат некого дека опасноста е отстранета. Засега, кај нив отсуствува желбата и искрената волја да направат што било за да го заштитат природното наследство на охридскиот регион“, велат од Охрид СОС.
Штетата е огромна, а последиците катастрофални, дотолку повеќе што постои сомневање дека една од главните причини за палењето на трската е приграбување на атрактивното земјиште за плажи и изградба на сместувачки капацитети, предупредуваат екологистите.
Палењето на трската, спорни и сомнителни градежни активности на целото крајбрежје беа причина државата да покрене постапка за одземање на ингеренциите над плажите на Охридското и другите езера во земјата. Општина Охрид најави дека ќе ја почитува таквата одлука, а Струга се уште смета дека тоа е погрешен потег. Според градоначалникот Мерко, не само што не треба да се одземаат веќе стекнати надлежности, туку треба да се пренесат и други, со што ќе се зголеми заштитата на крајбрежјето.