Косовската полиција уапсила осуммина чешки навивачи кои сакале на вечерашниот меч со Косово во Приштина да летаат дрон, на кој ќе има закачено знаме со парола „Косово е Србија“.
Официјални извори од косовската полиција информираа дека кај шест машки и две женски лица дојдени од Чешка, од полицијата во градот Урошевац биле откриени еден дрон, знамиња на Република Србија и транспаренти со српски симболи и пораки против косовската држава, односно со написи на српски јазик „Нема предавање“ и „Косово е српско“. Освен овие материјали, кај приведените, од кои еден има и српско државјанство, пронајдени се и конфискувани и една камера и два апарати за радио-врски.

Според приштинските медиуми, оценка на надлежните косовски служби е дека приведените навивачи од Чешка планирале во текот на денешниот фудбалски натпревар со дрон да ги истакнат српските знамиња и антикосовските транспаренти, со што би испровоцирале „ситуација која би можела да предизвика сериозни проблеми“ на стадионот „Фадиљ Вокри“ во Приштина.

Ова веројатно требаше да биде одговор на сличната провокација која се случи пред неколку години во Белград, кога со дрон на теренот беше спуштено знаме со картата на голема Албанија. Тогаш настана вистински хаос, навивачи влетаа на теренот, фудбалерите почнаа да се тепаат меѓусебе, а Србија беше казнета.
