Денес Госпоѓа Натали Лоазо, Министер за европски прашања при француското Министерство за Европа и Надворешни работи ќе допатува во работна посета на Република Северна Македонија. Во нејзината агенда се предвидени разговори со Премиерот Зоран Заев, со Министерот за Надворешни работи, Никола Димитров, со Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, со Претседателот на Собранието Талат Џафери, со Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, како и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Госпоѓа Марта де Сидрак, сенатор и претседател на групата за пријателство Франција-Западен Балкан, како и господин Бертран Сор, пратеник, претседател на групата за пријателство Франција-Северна Македонија и господин Бујан де Лакост, Заменик-директор за континентална Европа при Министерството за Европа и Надворешни работи, ќе ја придружуваат Министерката.
Во рамките на посетата на Владата на Република Северна Македонија, Министерката Лоазо и Министерот за Образование и Наука, Арбер Адеми, во присуство на Премиерот Зоран Заев, на Заменичката на Претседателот на Владата и Министерка за Одбрана, Радмила Шекеринска и на Министерот за Надворешни работи, Никола Димитров, ќе потпишат билатерална Спогодба која се однесува на франкофонските двојазични паралелки во средните училишта. Република Северна Македонија е полноправна членка на Франкофонијата, а оваа спогодба е прва од таков вид што таа ја потпишува со друга држава по ратификацијата на Договорот од Преспа.
На средбата со студенти на којашто е поканета госпоѓа Лоазо, во Дипломатската академија при Министерството за Надворешни работи, ќе се разговара за прашања кои се однесуваат на иднината на ЕУ и за процесот на интеграција на Западен Балкан во Европската унија.
Предвидена е и средба со претставниците на локални невладини организации, партнери на амбасадата, за време на нејзината посета којашто ќе се реализира во рамките на взаемните односи на доверба и пријателство кои ги поврзуваат нашите две земји.