Полициски службеник четири пати за година и половина менувал матичен лекар за да му издава боледување.
Контролата на Фондот за здравство, по барање на Министерството за внатрешни работи, откри дека во втората половина на 2023 година, 80 здравствено осигурани лица, припадници на полицијата, искористиле вкупно 514 боледувања, од кои 83 траеле повеќе од 30 дена. Резултатите покажуваат дека едно од пет боледувања во МВР било неправилно издадено.
За време на контролата биле опфатени 105 приватни здравствени установи, претежно матични лекари, како и неколку гинеколози и стоматолози. За подолгите боледувања биле проверувани и првостепените и второстепените лекарски комисии. Главните прекршоци се однесуваат на непочитување на дијагностичките постапки и надминување на дозволените временски рамки на боледувањата.
Според Клековски, дел од боледувањата биле оправдани, но дел се злоупотребувале: „Еден човек зема седум дена боледување, доаѓа еден ден на работа, а потоа под друга дијагноза отвора ново боледување.“
Најчесто користените дијагнози биле болести на респираторниот систем, мускулниот и дигестивниот систем. За откриените неправилности во приватните и јавните здравствени установи, изречени се глоби во вкупна висина од 1,2 милиони денари.