„Во 2019-та година осигурениците на Фондот за здравствено осигурување ќе добијат рекорден буџет од триесет милијарди и седумстотини деведесет и два милиона денари, односно над 500 милиони евра.
Новото зголемување за 2019 година е за над 2 милијарди и двестoтини милиони денари, споредено со почетниот буџет за 2018-та година. Покачувањето на здравствениот буџет е резултат на врвниот приоритет што Владата на Република Македонија го дава на здравството. Затоа се зголемени трансферите од централниот буџет. Зголемени се и приливите од придонесите како резулат на зголемената економска активност во Македонија.
Исто така, рекорден износ од 16,5 милијарди денари Фондот одвои за јавните здравствени установи. Овој износ е за една милијарда и петстотини милиони денари поголем, споредено со почетниот буџет за 2018-та година за јавните здравствени установи. При поединечната распределба по установа, Фондот се раководеше по следниве приоритети:
Одвојување на средства за неопходното зголемување на платите на медицинскиот персонал во јавното здравство.
Нови вработувања во 2019-та година на медицински персонал во установи каде што е неопходно.
Нивото на задолженост на одредена јавна здравствена установа.
Значителни суми одвоивме за условни буџети, односно наменски, со однапред утврдени цели. Меѓу другите, би ги одвоил следните:
- Нови, наменски средства ќе добијат универзитетските клиники за онкологија, хематологија, неврологија и ревматологија. Финансиските средства се за групна набавка за иновативни лекови.
- Наменски условен буџет од преку еден милион евра одвoивме за клиниките за хематологија и имунологија, за 14 трансплатации на коскена срцевина од несроден дарител. Ваква прва успешна трансплантација, оваа година веќе имавме благодарение на Клиниката за хематологија. За потсетување, досега ваквите случаи Фондот за здравство ги испраќаше на лекување во странство. Притоа, секоја поединечна трансплатација чинеше најмалку 110 илјади евра, а во покомплицирани случаи надминуваше и 200 илјади евра.
- Наменски одвојуваме преку 10 милиони денари за Клиниката за гастро- ентерохепатологија, за биолошка терапија на кронова болест.
- Над 30 милиони денари условен буџет ќе бидат одвоени за Детската клиника за набавка на фактор 8 за лица со болест хемофилија.
- За Клиниката за кардиологија за набавка и вградување нови, дополнителни 1000 стентови ќе бидат одвоени 20 милиони денари.
- Дополнителни, 30 милиони денари ќе бидат одвоени за Институтот за трансфузиона медицина за прилагодување на стандардите за третирање на крв со земјите во НАТО.
- За ПЕТ-центарот да го зголеми обемот на работа, ќе бидат обезбедени нови 25 милиони денари.
- За луѓето со дијабетична ретинопатија, првпат ќе бидат одвоени средства од над 8 милиони денари за Клиниката за очни болести за препарат со премиум квалитет. Резултатите најмногу ќе бидат видливи кај младата популација со дијабетес.
За приватните здравствени установи со кои Фондот има склучено договори, посебно би ги одвоил следниве:
- преку 3 милијарди и 180 милиони денари одвојуваме за матичните лекари.Тука се вклучени и нови 30 милиони денари за зголемување на капитацијата на гинеколозите.
- 3 милијарди и 50 милиони денари ќе бидат одвоени за мрежата на аптеки за дистрибуција на лекови кои се на товар на Фондот. Зголемувањето е повисоко за 150 милиони денари во однос на 2018 година.
- Преку 530 милиони денари се одвоени за ортопедски помагала, односно 70 милиони денари повеќе споредено со почетниот буџет од 2018 година.
На крај, да потенцирам, дека Фондот одвои два милиони евра за почеток на проектот ,,Интегриран информационен здравствен систем”. Со проектот целосно ќе бидат дигитализирани финансиските и медицинските процеси во целокупниот здравствен систем. Ова е најсложениот информатички проект кој е започнат во нашата држава и ќе трае најмалку три до четири години. Дигитализацијата ќе не чини значително повеќе од 2 милиона евра во наредните четири години, но ако правилно ја изведеме, македонските граѓани ќе добијат сопствено електронско досие (т.н electronic health record), a македонското здравство ќе одговори на предизвиците на 21 век“, се вели во соопштението од ФЗОМ.