Производителите на какао во Гана бараат од претседателот Џон Драмани Махама да не го потпише новиот закон со кој се ограничува начинот на користење на земјиштето засадено со какао, сè додека за неговите одредби не се консултираат и земјоделците.
Здружението на задруги на производители и трговци со какао соопшти дека ги поддржува мерките за заштита на плантажите, но смета дека одредени одредби треба повторно да се разгледаат и подобро да им се објаснат на земјоделците пред законот да стапи во сила.
Производителите се особено загрижени за земјиштето на кое одгледувањето какао повеќе не е економски исплатливо. Тие стравуваат дека би можеле кривично да одговараат доколку на таквите површини ги заменат насадите со други земјоделски култури.
„Се согласуваме дека дрвото треба да се заштити бидејќи од него зависи нашата егзистенција, но постојат критични ситуации кога земјоделецот мора да ја отстрани заболена плантажа и да засади друга култура која ќе му донесе приход“, изјави координаторот на здружението, Мозес Џан Асјиду.
Слични забелешки упатија и пратеници од опозициското малцинство, додека регулаторот на пазарот за какао COCOBOD ги отфрли критиките. Оттаму оценуваат дека забелешките на опозицијата се политички мотивирани и дека законот е подготвен со цел да им помогне на производителите.
Законот за Одборот за какао на Гана за 2026 година беше усвоен во парламентот кон крајот на јули. Со него плантажите со какао добиваат статус на „заштитени“, а нивната пренамена се забранува без одобрение од COCOBOD, освен во случаи на обновување на насадите одобрено од Одборот.
За прекршување на законот се предвидени парични казни, но и затворска казна до 20 години.
Целта на законските измени е да се спречи претворање на плантажите со какао во рудници или површини за одгледување други земјоделски култури, што придонесува за намалување на производството на какао во земјата.
Дел од плантажите низ Гана веќе се пренаменети во насади со каучуково дрво или се отстапени за рударски активности.
Гана и соседниот Брег на Слоновата Коска заедно произведуваат околу половина од светското какао.