Никој не е против Планинската спасителна служба (ПСС), туку мора да се најде вистинскиот модел за функционирање на службата, истакна градоначалникот на Охрид, Константин георгиески по жестоката реакција на ПСС на одлуката на градскиот совет кој вчера не ја прифати Предлог одлуката за финансиска поддршка на службата.
-Ние со Црвениот крст генерално и Спасителната служба имаме одлична соработка, сме соработувале на повеќе проекти, од мобилните екипи во текот на пандемијата, преку проектот „Крос фор ол“ вреден речиси 50 илјади евра, до отстапувањето на Планинарскиот дом во Велестово за нивни потреби. Нема причина проблемите да ги решаваме преку социјалните мрежи. Советот не се убеди дека тоа е вистинскиот начин да се помага Службата. Треба да се најде модус како да се поддржи Службата која е потребна на градот, но правниот основ е спорен. Не можеме ние да префрламе средства на организација што се декларира како волонтерска, а во извештајот со кој се одобруваат средства да стои дека на тој начин се обезбедуваат плати за лицата што работат како волонтери-изјави Георгиески.