Константин Георгиевски е првиот градоначалник кој се соочи со сето она што со години сите негови претходници го оставале на страна и одбегнувале да се соочат со проблеми, со непријатни ситуации или се некој поединци, а градот полека но сигурно се лизгал кон работ на бездната каде е стигнат денес.
По речиси 30 години живеење во тотален урбанистички хаос, градење легално и нелегално и буквално уништување на ликот на градот Охрид и негово претворање во „бетонска џунгла“ во кој станува нехуман простор за живеење, како и 15 години од како државата по Закон и целосно легално ги издаде под концесија плажите, дојде ден, на прагот на туристичката сезона токму овој градоначалник кој по игра на судбината е на тоа место, да треба да го пресече „Гордиевиот јазол“ и да урива објекти среде лето. Тоа од што некои пред него вешто и итро, од не заинтересираност, од лични интереси или страв не го правеа и со децении бегаа, сега треба да се реши и да се бира кое зло помалку ќе наштети. Едно е јасно, дека компромис со статусот на Охрид во УНЕСКО нема да има и државата тоа ќе го спроведе.
Ако се следат медиумските прилики и фокусот на интересирање, јасно е дека одредени центри на моќ (поголеми од нашата држава) вниманието од денес веќе го префрлаат на Струга, што пак значи дека Охрид го сметаат за завршена работа. Тоа значи дека ќе се продолжи со уривање на објектите кај Лагадин до т.н. плажа „Атлантис“ , а кај Студенчишта ќе се отстранат платформите и објектите ќе престанат со работа. Од друга страна евидентен е крајот на Ковид 19 пандемијата и враќањето на странските туристи во Охрид, што е пресудно за финансискиот опстанок на градското стопанство, пред се на секторот туризам кој е колабиран, оштетен и доведен до ситуација да му требаат години за да финансиски се санира, а најмалку што треба да се случува е групите странци да гледаат механизација која урива, или додека се возат со пловиlа да гледаат урнатини од објекти како после војна.

„ Судбината на тие објекти зависи од Планот за просторно урпавување. Доколку тие се најдат во тој план, тогаш ќе останат, ако не се најдат ќе мора да се урнат. Но и да останат ќе мора да има нов процес за избор на концесионери“ – изјави градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
КАКО ВЛАСТА ДА СПРОВЕДЕ АКЦИЈА СРЕДЕ ЛЕТНА СЕЗОНА?
Да се уриваат објекти среде летна туристичка сезона, и тоа во моменти кога туристичкиот сектор конечно почна нешто да работи со странски туристи е речиси невозможно и надвор од секоја логика. Од тука градоначалникот Константин Георгиевски е доведен во ситуација „угоре високо удолу длабоко“ и според информациите кои доаѓаат уривање на објекти и активирање на механизација во лето нема да има, но неизвесно е дали објектите со истечени договори ќе може да продолжат да работат.
СОВЕСНИ И ОДГОВОРНИ ПОЕДИНЦИ СЕПАК ИМА!
Иако општата перцепција во јавноста креирана низ медиумите е дека угостителите чии објекти имаат платформи во езерото одбиваат секаква иницијатива говори фактот што некои од нив сами ги отстранија платформите. Деновиве јавноста тоа го виде кај таверната „Момир“ чиј сопственик сам ја демонтира платформата, но многу пред него сами платформата ја демонтираа и во кафе барот „Кадмо“ кои беа први кои го направија тоа.
Роберт Билбилоски , косопственик на „Кадмо“ вели дека тој ќе ја демонтира и платформата на плажата „Кадмо“, ако е таква одлуката, но нагласува дека е спремен да потпише изјава на нотар и да даде секакви правни гаранции дека тоа ќе го стори на 20 август доколку се овозможи да ја довршат и оваа сезона со работа.
„Јас ќе потпишам изјава на нотар ќе дадам секакви гаранции кои ќе ги побараат само да може да ги довршиме закажаните активности. Потпишано имаме сезонски договори со вработени лица, кои ако не работи ќе останат без сезонска работа, имаме закажани свадби. Добавувачите кои исто така имаа опадната работа чекаат да продаваат роба кај нас. Па и искрено да кажам, на крајот на краиштата и ние го чекаме летово после скоро година и половина не работење и чекање државна помош. На сите ни треба работа во градов, за да успееме малку да се вратиме после штетата која настана на цело стопанство. Затоа мислам дека власта, поконкретно Советот на општина Охрид може да изгласа одлука со која ќе се овозможи да останеме до 20 август, а потоа сами ќе ги отстрануваме објектите.“ – изјави за „Охрид 1“ Роберт Билбилоски.
МОЛК ОД СДСМ И ВМРО ДПМНЕ Охрид
Освен изјавите на официјалните претставници на властите од Скопје, како и силната јавно дадена поддршка од западните дипломати во Скопје ( пред се на САД, Обединетото Кралство и ЕУ ) , активностите на градоначалникот Константин Георгиевски не ги коментираат партиите ВМРО ДПМНЕ и СДСМ на локално ниво и по ова прашање скоро да нема дебата. Па од тука во моментов не може ни да се претпостави како би реагирале локалните ограноци на овие две партии ако пред Советот на градот стигне една ваква иницијатива.
ДАЛИ ОБЈЕКТИТЕ НА ПЛАЖИТЕ „ПАДНАА ОД НЕБО“ ИЛИ ТУКА СЕ ИЗГРАДИЈА НИЗ ЛЕГАЛНА ПОСТАПКА ОВОЗМОЖЕНА ОД ВЛАДАТА?
И покрај сите критики никој до сега не ја потсети јавноста ( или не ги информира помладите генерации ) како всушност плажите во Охрид се создадоа на местата каде се ?
Доколку некој ги праша луѓето тие во најголем дел ќе одговорат дека плажите се изградиле на диво, некој го запоседнал просторот, и правел таму што сака. Но , вистината е поинаква. Сите тие објекти (со исклучок на тие во Стар Град) се изградија од како државата во сега далечната 2007 година, распиша повик и постави услови плажите да се токму вака уредени како што се денес, а некои дури и не изгледаат како што барала државата бидејќи кај некои од нив не е испочитуван условот да изградат дури и базени.
Медиумските архиви за тоа како се изградија плажите и какви услови постави државата ќе ги објавиме овој викенд.