Општина Центар, во соработка со Црвениот крст и здружението ХЕРА, спроведува теренски активности за поддршка на граѓаните поради екстремно високите температури што го зафатија главниот град.
Како дел од активностите, во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат поставени инфо-штандови кај Зелениот пазар и на пазарот „Буњаковец“, каде граѓаните ќе можат да добијат вода, информативни материјали и совети за заштита од топлотниот бран.
„Општина Центар е на терен со конкретни мерки – делиме вода, поставуваме инфо-штандови и овозможуваме бесплатни здравствени проверки. Ги повикуваме сите граѓани да ги почитуваат препораките и да бидат одговорни кон себе и кон своите најблиски“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Во соработка со ХЕРА, денеска од 8:30 до 11:00 часот кај Зелениот пазар се врши бесплатно мерење на крвниот притисок.
Истата активност ќе продолжи и во петок пред маркетот „Тинекс“ кај пазарот „Буњаковец“, во истиот термин, каде што граѓаните ќе можат бесплатно да направат здравствени проверки и да добијат совети за заштита од високите температури.
Од Општина Центар велат дека и натаму ќе ги следат препораките на здравствените институции и ќе продолжат со активности насочени кон заштита и поддршка на граѓаните за време на топлотниот бран.