Гинекологот Венци Чалков од Гевгелија, еден од обвинетите во случајот за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе, почина само неколку дена откако Врховниот суд ја објави конечната пресуда со која му изрече 10 месеци ефективна затворска казна. Неговата смрт дополнително го обележува случајот што повеќе од десет години се влечеше низ македонскиот судски систем.
Трагедијата се случи на 22 октомври 2015 година во Општата болница во Гевгелија. Во истата постапка беа опфатени и вториот гинеколог Дончо Москов, како и анестезиолозите Зоран Јовановски и Томе Ванчев. Јовановски почина уште во фазата на истрага, додека Ванчев го загуби животот пред две години, па со смртта на Чалков тројца од четворицата обвинети веќе не се меѓу живите.
Обвинетите се товареа за кривичното дело „Тешки дела против здравјето на луѓето“ (член 217 став 4 КЗ), за кое е пропишана казна од шест месеци до пет години затвор.
Судската сага имаше повеќе пресврти: Основниот суд Велес во два наврати ги ослободуваше гинеколозите, а Ванчев беше единствениот што доби ефективна казна. Апелација ги потврдуваше одлуките, сѐ додека пролетта годинава Врховниот суд не наложи повторно одлучување.
По враќањето на предметот, Апелација Скопје им изрече условни казни на двајцата гинеколози. Но, во трката со застарувањето, Врховниот суд на јавна седница одржана на 6 октомври интервенираше уште еднаш. На 22 октомври – последниот ден од рокот – беше донесена конечната верзија на пресудата.
Со неа, условната казна на Чалков беше преиначена во 10 месеци затвор, додека за Москов остана претходната алтернативна санкција – шест месеци затвор што ќе се активираат само доколку во следните две години направи ново кривично дело.