Пресудата против Љупчо Пецов – Ѓаволот стана правосилна на 21 септември, откако ниту една од странките не поднела жалба. Пецов признал вина за злосторничко здружување и даночно затајување, а судот му утврдил казна од две години затвор, која нема да се изврши доколку во следните пет години не стори ново кривично дело.
Од Основниот кривичен суд Скопје потврдуваат дека пресудата КОК 53/26 е донесена врз основа на признание на вина на 24 август годинава. Самата пресуда била јавно објавена следниот ден.
Покрај условната осуда, Пецов треба да плати и единствена парична казна од 8.000 евра, односно 492.000 денари. Судот му забранил во следните десет години да биде основач или управител на правно лице, како и да управува, раководи или располага со имот на правно лице.
Доколку ја прекрши оваа забрана во периодот на проверување, условната осуда ќе биде отповикана и утврдената затворска казна ќе се изврши, стои во пресудата.
Од документот се гледа дека Пецов признал вина за три кривични дела – едно „Злосторничко здружување“ и две дела „Даночно затајување“, од кои едното во форма на помагање.
Според пресудата, Пецов, како управител на А.К.А.П. ДООЕЛ, бил дел од група создадена за вршење даночно затајување и перење пари. Судскиот документ опишува систем во кој се изготвувале и сметководствено евидентирале фактури за наводни набавки на стоки и услуги за кои било утврдено дека не биле извршени, а потоа биле користени за намалување на даночните обврски или за зголемување на даночните побарувања.
Во пресудата е наведено дека преку дејствијата на целата група не бил пресметан и платен данок во вкупен износ од 490,8 милиони денари. Овој износ се однесува на дејствијата на организаторите и припадниците опфатени со поширокиот случај, а не само на Пецов.
Конкретно за Пецов, судот утврдил дека во периодот од март 2019 до август 2021 година, како управител на А.К.А.П., дал неточни документи и податоци и не пресметал и не платил данок во вкупен износ од 10.398.236 денари. Од ова, според пресудата, 3.870.820 денари се однесуваат на неосновано зголемен влезен ДДВ, 2.150.455 денари на намалена обврска за данок на добивка и 4.376.961 денар на неприкажан излезен ДДВ.
Во дел од конкретно опишаните трансакции се наведуваат фактури за услуги за кои судот, врз основа на признанието на вина, утврдил дека немало реален деловен однос и дека услугите наведени во нив не биле извршени.
Пецов на главната расправа се изјаснил дека се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар. Судот утврдил дека признанието било дадено доброволно и свесно и дека обвинетиот бил запознаен со правните последици. Поради признанието, понатаму биле изведувани доказите релевантни за видот и висината на санкцијата, штетата и конфискацијата.
Судот при одмерувањето на санкцијата, според официјалното појаснување, ја зел предвид и потребата од процесна избалансираност во однос на останатите обвинети во комплексниот предмет кои исто така признале вина, ја надоместиле паричната штета и во раздвоени постапки добиле алтернативни мерки.
Осудено е и правното лице А.К.А.П. ДООЕЛ, кое е во стечај, на парична казна од еден милион денари. На правното лице му се изречени и петгодишни забрани за добивање дозволи, лиценци и концесии, учество во јавни повици и јавни набавки, основање нови правни лица и користење субвенции и други облици на јавна помош.
Интересен е и делот од пресудата во кој судот го одбил како неоснован посебниот предлог на Обвинителството за одземање три автомобили – „фолксваген голф VI GTI“, БМВ од 2018 година и „фолксваген голф“ од 2020 година.
Со оглед дека против пресудата не била поднесена жалба, таа е правосилна од 21 септември 2026 година.