Новак Ѓоковиќ потврди дека неговиот следен турнир ќе биде Мастерсот во Синсинати, каде што првпат ќе настапи по 2023 година.
Српскиот тенисер ќе се врати на терените по настапот на Вимблдон, а турнирот во Охајо ќе му послужи како подготовка за последниот грен слем во сезоната – УС Опен.
Ѓоковиќ последен пат играше во Синсинати во 2023 година, кога во финалето го совлада Карлос Алкараз по спектакуларен меч кој траеше три часа и 49 минути. Србинот тогаш славеше со 5:7, 7:6 (9:7), 7:6 (7:4), откако спаси и меч-топка, а дуелот беше прогласен за најдобар меч на годината во изборот на АТП.
Годинава тој го прескокна турнирот во Монтреал со цел да се одмори и максимално подготвен да ја дочека сезоната на тврда подлога.
На списокот на учесници во Синсинати се и Јаник Синер, Карлос Алкараз, Александер Зверев, како и останатите водечки светски тенисери, па се очекува уште едно силно издание на турнирот.
Мастерсот во Синсинати ќе се игра од 13 до 23 август.
„Среќен сум што повторно ќе играм во Синсинати, првпат по 2023 година, кога одиграв едно од најдобрите финалиња на Мастерс турнирите во мојата кариера. Едвај чекам да се вратам, повторно да играм пред публиката и да се дружам со навивачите. Се гледаме наскоро“, порача Ѓоковиќ.