Ванчо Ѓорѓиев, професор на филозофскиот факултет при УКИМ, беше дел од трибината на темата „Наследството на Гоце Делчев низ политичката призма за Македонија“, која се одржа денес, по повод одбележување на 123 години од загинувањето на македонскиот великан, Гоце Делчев.
„Гоце Делчев е синоним на едно време, на една епоха, на македонска борба, за македонска држава, за македонска нација“, вели Ѓорѓиев.
Ѓорѓиев на трибината прочита дел од воведникот од текст од 1935 година, објавен од Кукушкото братство во Софија, по повод 32 годишнината од смртта на Гоце Делчев.
„Пред 32 години, во една херојска борба со султанската војска, беше убиен големиот македонски револуционер и апостол, Гоце Делчев. Македонскиот народ ја даде својата најскапа жртва. Во неговото лице, Македонија ја изгуби душата на револуционерна организација. Зошто гоцевата смрт беше толку скапа за Македонија? Затоа што тој беше највдахновениот, најпреданиот и најпламениот борец за слободата на својата поробена татковина. Ревносен чувар на самостојното и ослободително македонското движење и заколнат непријател на надворешните влијанија, од каде и да доаѓаат тие. Затоа македонскиот народ кога е на потера, го стигна кај село Баница, водачот на македонската револуција. Така, засекогаш престана да чука срцето на големиот македонски пионер, кој го црташе патот што води право кон слободата на македонскиот народ. Денес, ние треба да го одржуваме името на големиот апостол и револуционер на Македонија, да го возвишиме неговото дело, како знаење и поука, тоа треба да биде наш прв долг кон татковината, тоа не држи далеку од ниските соблазнувања и од трговците во македонскиот храм. Света должност на македонскиот народ и за емиграција е секоја година, да го одбележува споменот на незаборевениот македонски национален херој, Гоце Делчев, и на плеадата борци, револуционери, и оваа годишнина да се претвори во традиција, на семакедонско народно чествување. Така ќе посведочиме, дека ни е мила нашата слобода и ќе ја изразиме нашата почит и благодарност кон нашиот верен и преден учител и кон безбројните борци што ја посветиле својата младост и го дале својот живот за Македонија“, стои во извадокот кој го прочита Ѓоѓриев.