Летото и летните горештини се период во кој граѓаните треба да бидат особено внимателни при изложување на сонце поради опасноста од топлотен бран, но не ретко, треба да се внимава и на се почестата појава на разни влекачи, пред се змии и домови, кои се населуваат и во урбаните средини. И не само во урбаните средини,туку и во домови на некои граѓани, за каква што случка ни раскажа Миодраг Миленковски од Крива Паланка.
Неодамна во неговата бања во семејната куќа во населба Црвена нива, во атарот на село Кошари, влегол смок со должина од околу два метри, кој со помош на соседот успеале да го отстранат од домот.
– Беше топло, нешто по пладне, околу 13 часот. Бев на работа, кога ми се јави сопругата, ужасната, исплашена и видно вознемирена, викајќи ме итно да дојдам дома. Побрзав и кога стасав ми покажа на бањата, отворајќи ми ја вратата. И јас се исплашив кога видов, смок, сиво- црн, со жолт труп, стои обвиткан околу водоводната цевка. Не знаејќи што да правам, со еден стап се обидов да го избркам, но тој влезе под кадата. Го повикав соседот Доне Стојановски, бидејќи знам по кажувања од негова страна дека имал искуство со змии и влекачи. Дојде, па заедно ја отстранивме кадата, а смокот повторно се врати на цевката и се обвитка околу неа. Доне храбро, со заштитни ракавици умешно го фати жив смокот со рацете, за глава и опаш, за среќа без да има какви било несакани моменти, изјави Миленковски.