Денес се одбележува годишнина од раѓањето на еден од најзначајните македонски драмски писатели и културни творци, Горан Стефановски, чие творештво остави длабока трага во современата македонска и европска драматургија. Неговите драми, есеистички записи и сценски текстови и денес се сметаат за клучен дел од книжевниот и театарскиот канон, со силна општествена и универзална порака.
Автор на 30 драми, сценарија за ТВ-филмови и серии, меѓу кои и најпознатите „Диво месо“, „Дупло дно“, „Чернодрински се враќа дома“, „Тетовирани души“, „Жив човек“, „Демонот од Дебар Маало“, „Хај-фај“ и многу други.
Стефановски се појавува на македонската културна сцена во втората половина на XX век, носејќи нов јазик и драмски израз кој ги надминуваше тогашните рамки на театарската уметност. Неговите дела често ја истражуваат судбината на поединецот во услови на општествени промени, како и сложените односи меѓу традицијата и современоста.
Со својата драматургија, тој успеа да создаде препознатлив авторски свет во кој се испреплетуваат хуморот, трагиката и критичката опсервација на реалноста. Неговите текстови се поставувани на бројни сцени во земјата и во странство, со што македонската драмска уметност ја доближува до пошироката европска културна јавност.
Покрај драмското творештво, Стефановски остави значајни есеистички и публицистички текстови во кои отворено зборува за идентитетот, културата и улогата на уметноста во општеството. Неговото дело и денес претставува инспирација за новите генерации драмски автори, режисери и актери.
Неговото име останува синоним за современ македонски театар и уметничка мисла која ја надминува локалната рамка и комуницира со универзални човечки теми.
Дел од неговите најдобри цитати:
„Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ (Диво Месо)
„Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно“. (Жив Човек)
„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“ (Тетовирани души)
„Да ти каже тебе татко ти нешто. Не кажувај на светот што мака имаш. Не сака светот да знае. Си има светот свои маки. Ако кажуваш, кажи нешто убаво или ништо не кажувај. Што му е некому гајле што тебе ти е страв од темно“. (Диво Месо)