Apple поднесе тужба против OpenAI, обвинувајќи ја компанијата за незаконско присвојување деловни тајни и прекршување на договорни обврски со цел да развие сопствени уреди засновани на вештачка интелигенција, кои сè уште не се претставени пред јавноста.
Тужбата е поднесена до Окружниот суд за Северна Калифорнија и доаѓа само неколку месеци пред очекуваното претставување на новиот хардверски производ на OpenAI, кој компанијата го развива во соработка со легендарниот поранешен директор за дизајн на Apple, Џони Ајв.
Од OpenAI ги отфрлија обвинувањата.
„Не нè интересираат деловните тајни на други компании. Остануваме фокусирани на создавање иновативна технологија што ќе ги оспособи луѓето ширум светот“, изјави портпаролот на OpenAI, Дру Пусатери.
Освен OpenAI, со тужбата се опфатени и поранешниот инженер на Apple, Чанг Лиу, кој сега работи во OpenAI, како и Танг Тан, раководител на хардверскиот оддел во OpenAI и поранешен висок функционер во Apple, задолжен за развојот на iPhone и Apple Watch. Тужена е и компанијата „io Products“, основана од Џони Ајв, која минатата година беше преземена од OpenAI.
Apple тврди дека Чанг Лиу, по напуштањето на компанијата во јануари годинава, не го вратил службениот лаптоп, не ги завршил процедурите за напуштање на работното место и пристапил до работниот компјутер на поранешен колега. Според тужбата, тој презел десетици доверливи документи поврзани со хардвер, меѓу кои информации за необјавени производи, инженерски презентации, технички спецификации и проектна документација.
Компанијата дополнително тврди дека Танг Тан користел доверливи информации при регрутирање инженери од Apple, советувајќи ги на разговорите за работа да носат компоненти од производите на Apple. Исто така, според наводите, ги информирал претставниците на OpenAI за важни состаноци со добавувачите на Apple и пред заминувањето од компанијата си испратил информации поврзани со нив.
Во тужбата се наведува и дека Apple уште во рана фаза го известил OpenAI за својата загриженост, но никогаш не добил официјален одговор.
Спорот доаѓа во период кога односите меѓу двете компании значително се влошија. Иако во 2024 година Apple и OpenAI најавија партнерство за интеграција на ChatGPT во производите на Apple, во меѓувреме се појавија несогласувања околу неговата имплементација. Според американските медиуми, OpenAI дури размислувал и за сопствена тужба против Apple поради наводно непочитување на договорните обврски.
Во исто време, OpenAI интензивно ангажира инженери и менаџери кои претходно работеле во Apple, со цел да изгради сопствен оддел за развој на хардвер. Според анализи на американските медиуми, неодамна најмалку десет инженери преминале директно од Apple во OpenAI.
Тужбата ја нагласува сè поострата конкуренција меѓу најголемите технолошки компании во трката за доминација во областа на вештачката интелигенција. Додека OpenAI работи на својот прв уред со вештачка интелигенција, Apple подготвува нова верзија на Siri, која треба да биде претставена подоцна годинава и ќе понуди значително понапредни можности и персонализирани функции.