Големи се шансите оваа учебна година да започне со штрајк на просветните работници, вели претседателот на Независниот синдикат на образование и наука, Томислав Гиевски во интервју за Радио Слободна Европа.
Гиевски појаснува дека огромно е незадоволството коешто преовладува во основните и средни училишта, како резултат на понудените ниски десет проценти од страна на Владата преку општиот колективен договор.
Постојат огромни шанси учебната година да започне со штрајк, ние како Независен синдикат за образование и наука активно работиме на окрупнување на силата со цел да можеме да го реализираме тој процес. Се разбира, доколку и побројниот синдикат го искористи тоа право, ние сме тука да се солидаризираме и да ги окрупниме силите за да ја оствариме таа цел. Револтот потекнува од најавените промени во секторот образование коишто не се совпаѓаат со законите. Револтот исто така е поради ниската потпросечна плата, а најголем е револтот на просветните работници поради непочитувањето на колективните договори – вели тој.
Почитување на колективните договор и е основната работа што ја бараат додава претседателот на Независниот синдикат на образование и наука.
Колективните договори во секторот образование, оние за основно и средно образование коишто потекнуваат од 2008 година, некаде од 2013 година во целост не се почитуваат, односно не се почитува методологијата за пресметка на плата. За да биде запознаена јавноста поубаво, методологијата за пресметка на плата за вработените во секторот образование се состои од коефициент помножено со најниската плата за најнизок степен на сложеност во државата. Кај нас во секторот образование се користи најниска плата којашто е за висок процент пониска од минималната плата на државно ниво – појаснува тој.
Гиевски додава дека со ова се крши законот, незаконски се намалува платата на просветните работници и се создава ситуација просветните работници да бидат потпросечно платени.