Македонскиот мотоциклист Петар Мијалков доби значајно меѓународно признание, откако беше поканет да тестира на легендарната патека „Misano World Circuit Marco Simoncelli“ во Италија, една од најпрестижните во светот на мотоциклизмот.
Мијалков учествуваше на ексклузивен настан, организиран по официјална покана од водечките италијански увозници на Michelin, каде што ги тестираше најновите тркачки пневматици на познатиот француски производител.
Оваа покана претставува признание за неговата посветеност, квалитет и досегашни резултати, но и потврда дека македонските мотоциклисти сè повеќе се препознаваат и ценат на меѓународната сцена.
Настапот на патека како „Мисано“ е резултат на долгогодишна работа, интензивни подготовки и значителни вложувања. И покрај предизвиците со кои се соочува домашниот мотоспорт, Мијалков уште еднаш покажа дека македонските возачи можат да бидат дел од највисокото европско ниво.
Тестирањето му овозможи да соработува со искусни професионалци, да стекне нови знаења и искуства, кои ќе бидат значајни за неговите идни настапи.
Успехот на Мијалков повторно ја нагласува потребата од поголема поддршка за македонскиот спорт, бидејќи ваквите меѓународни настапи не само што придонесуваат за развојот на спортистите, туку и ја промовираат Македонија на светската спортска сцена.