Здружението „Градиме Иднина“ денеска одржа прес-конференција пред Министерството за здравство, алармирајќи за институционалната пасивност и порастот на организирана експлоатација на деца преку питачење.
„Клучни алармантни податоци Во Македонија има околу 25.000 деца на улица, од кои 2.000 секојдневносе во критична здравствена состојба. Овие деца немаат здравствено осигурување, легитимација, ниту се евидентирани во системот.
Дневниот „промет“ по дете изнесува од 3.000 до 7.000 денари, пари кои завршуваат кај организаторите („шефовите“), додека децата живеат во мизерија и насилство.
Најкритични градови се: Скопје (до 350 деца), Охрид (до 120 во сезона), Куманово, Тетово и Битола.
Барања до Министерството за здравство и надлежните институции Здружението „Градиме Иднина“ најостро бара:
Почитување на Меѓусекторскиот протокол: Итна имплементација на протоколот за постапување со деца на улица од 2022 година.
Бесплатно лекување: Ослободување од сите партиципации и трошоци за хируршки интервенции за децата од улица.
Формирање комисија за ревизија: Истрага за злоупотреба на медицински потврди и факсимили. Постојат сомнежи дека се издаваат лажни извештаи кои „мафијата на лажни просјаци“ ги користи за манипулација на граѓаните пред клиниките.
Заштита на децата по болничко лекување: Децата кои се излекувани да не се враќаат кај биолошките родители кои ги експлоатираат, туку да се сместуваат во групни домови или згрижувачки семејства.
Одговорност за медицинскиот персонал: Одземање на лиценци и кривична одговорност за секој лекар кој издава лажни потврди за питачење.
Нашите истражувања покажуваат дека во државните клиники дејствува организирана мрежа. Се користат деца за собирање донации кои наместо за лекови, се трошат на луксузен живот, коцкање и недвижнини на нивните „шефови“.
„Нема да дозволиме никого да не замолчи. Овој проект ќе го тераме до крај, сè додека и последното дете не биде спасено од канџите на мафијата,“ изјавија од Здружението.
До граѓаните: Ве замолуваме да не им давате пари на питачите. Со секој даден денар, вие директно ја финансирате нивната експлоатација и мафијата која стои зад нив.
До МВР и Агенциите за обезбедување: Бараме поголема присутност и професионалност. Секој случај на питачење во кругот на клиниките мора веднаш да биде пријавен на 192.
Здружението „Градиме Иднина“ останува на ставот дека здравјето и иднината на децата се над секоја политика. Бараме итен работен состанок со Министерот за здравство за решавање на овој повеќегодишен проблем“, велат од здружението.